Светската пијанистичка сензација, Питер Бенс за првпат во Македонија

26 Фев , 2018 Мегафон

Светската пијанистичка сензација, Питер Бенс за првпат во Македонија

Унгарскиот пијанистички виртуоз ПИТЕР БЕНС (PETER BENCE), кој го освои интернетот со своите аранжмани на хитовите на Мајкл Џексон, Квин и Сиа, собирајќи досега повеќе од 200 милиони прегледувања, на 31 мај за првпат гостува во Македонија! Новата светска пијанистичка сензација гостува кај нас во рамките на програмата за одбележување на јубилејниот 20. фестивал „Таксират“, а неговиот концерт ќе се одржи во Македонска Филхармонија во Скопје.

ПИТЕР БЕНС, младиот пијанист, композитор и продуцент е новата голема ѕвезда на музичкото небо кој ги распродава концертите секаде ширум Европа и кој е запишан во Гинисовата книга на рекорди како пијанистот со најбрзи прсти. Од класична до филмска музика, од рок до поп, од Бах до „Битлси“, овој генијален музичар со својата енергична и експресивна изведба ги руши сите бариери помеѓу класичната и модерната музика. Според Гинисовата книга на рекорди, Питер Бенс во 2012 стана светски рекордер по бројот на отсвирени клавирски ноти во минута (765), а со интензивниот начин на свирење и претставувајќи го пијаното на сосема ново ниво, тој веќе важи како инспирација на различни генерации, како и на сите вљубеници во музиката ширум светот.

Светскиот пијанистички феномен, Питер својот музички пат го започнал на возраст од само две години, на клавирот на неговиот дедо, свирејќи по слух мелодии од своите омилени анимирани филмови. На седум години ја напишал својата прва композиција, испирирана од Моцарт и Шопен, а веќе на 11 години го претставува и својот прв солистички албум. Во тинејџерските години почнал да покажува голем интерес за филмската музика, особено за музиката на Џон Вилијамс – познат по саундтракот за „Војна на Ѕвездите“, кој за Питер отвора сосема нов свет во кој потоа и самиот ќе се пронајде.

Исклучително музички образован, Бенс по основното музичко училиште го продолжува образованието на  музичкиот колеџ „Беркли“ во Бостон, САД. Но, едно од најголемите влијанија на него е и музиката на Мајкл Џексон, па тој во 2015 година на Јутјуб ја објавува својата прва обработка на хитот „Bad“ и за само неколку дена неговото видео собира 10 милиони прегледувања.

Минатата година тој отсвире 20 концерти на четири континенти, вклучувајќи го и настапот за отворањето на музичкиот фестивал „Би-Би-Си Пром“ (BBC PROM) во Лондон, пред публика од 50 илјади посетители.

Сензацијата на овој млад пијанист е во неговата врвна клавирска техника, неверојатниот талент и скромноста. Откако ги освои социјалните мрежи и сите љубители на врвната музика, исклучително талентираниот музичар за првпат гостува во Македонија и на 31 мај ќе ја исполни концертната сала на Македонската Филхармонија со громогласните и импресивни звуци на неговото пијано.

Влезниците за концертот на Питер Бенс се достапни во продажба од денеска, преку продажната мрежа на МкТикетс.

, ,


Comments are closed.