Седум нови македонски филмови кои едвај чекаме да ги гледаме

3 Мај , 2018 Мегафон

Седум нови македонски филмови кои едвај чекаме да ги гледаме

Дали навистина никогаш немало толку нови македонски филмови за кои истовремено сме биле возбудени да ги гледаме?

Пробавме да се преброиме и да ги собереме на едно место филмовите кои сè уште не сме имале прилика да ги гледаме, но за кои сме сериозно возбудени. Сопревме кога ја достигнавме бројката од 7 филма, но верувам дека доколку посветевме уште некој час, ќе дојдевме до 15. Решивме останатите да ги оставиме како продолжение на овој текст, за некоја наредна прилика.

Филмовите подолу се дела на талентирани, млади режисери и тимови, некои од нив неодамна објавени, а некои од нив наскоро ќе ја имаат својата премиера. Четири од филмовите се играни, 2 се краткометражни, а еден од нив документарен.

 

„Ефектот на среќа“

Игран филм
Режија: Борјан Зафировски
Премиера: 2018

Позади „Ефектот на среќа“ („The Happiness Effect“) стои Борјан Зафировски, како режисер и сценарист, а како соработник на сценариото се јавува Дејан Дуковски. Снимањето на филмот се одвивало на различни локации низ Скопје и Охрид, а голем дел од сцените биле снимени во студиото на „Fx3x“.

Темата на филмот е универзалната потрага по среќа, а ја следи приказната на 20-годишната девојка Леа. Леа е дијагностицирана со тешка болест, за чие лечење почнува да се интересира во алтернативни методи, кои вклучуваат позитивно размислување.

Во главните улоги настапуваат Дејана Поповска, Сашко Коцев и Ана Стојановска, а во споредна улога се појавуваат Сара Анастасовска, Јовица Михајловски, Петар Арсовски и Мими Таневска.

 

„Година на мајмунот“

Игран филм
Режија: Владимир Блажевски

Премиера: 19.04.2018

Со „Година на мајмунот“ беше одбележано отворањето на овогодинешниот Скопки филмски фестивал. Филмот по режија и сценарио на Владимир Блажевски, ја имаше и својата интернационална премиера на Московскиот меѓународен филмски фестивал на 23 април.

Главната улога во филмот ја игра Игор Ангелов, а приказната го следи пријателството помеѓу мајмунот Коко и чуварот на Зоолошката градина, Цобе, и нивната авантура во превртениот транзициски свет.

Филмот беше сниман во 2016 како копродукција на Македонија, Србија, Словенија и Косово, на околу 80 различни локации низ Македонија, а е поддржан од Еуримаж.

 

„Втора шанса“

Игран филм
Режија: Марија Џиџева

Премиера: 2018

„Втора шанса“, е првиот долгометражен филм на режисерката Марија Џиџева и е копродукциски проект меѓу Македонија и Србија, поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија.

Една од главните улоги на филмот ја толкува српската актерка Мирјана Карановиќ, а во него играат и македонските актери Данчо Чеврески, Наталија Теодосиевска, Дениз Абдула, Димитар Георгиевски, Даниела Ивановска, Петар Ѓорѓиевски и Димитар Илиевски. Сценарист на филмот е Огнен Георгиевски, а директор на фотографија е Дејан Димески.

Филмот ја следи приказната за три ликови, сите на различна возраст, кои живеат во истата зграда и лии животи се преплетуваат во климакс. Во еден момент, на ликовите им се случуваат одредени внатрешни превирања и немири, додека истовремено се случува и нешто во нивната земја, Македонија. Дејствието на филмот е сместено во 2001 година.

 

„Неонски срца“

Краткометражен филм
Режија: Ана Јакимска

Премиера: Есен 2018

„Неонски срца“ е современа приказна за еден средовечен геј маж кој живее двоен живот и почнува да се сомнева дека својата „настраност“ ја вовел во семејството. Со Јордан Симонов во главна улога, на актерската екипа се придружија и Гордана Ендровска, Симеон Дамевски, Симон Палитов, Гзим Жерка и Влатко Илиевски.

Покрај Јакимска, филмската екипа ја сочинувааат Александар Ристески, директор на фотографија, сценограф Илина Ангеловска, костимограф Милена Атанасова, шминка Ирена Сенокозлиоска, а продукцијата е на Факултетот за драмски уметности – Скопје.

Јакимска веќе имаше успех со својот претходен краток филм „Ќе дојдат децата“, кој беше номиниран за најдобар краток игран филм на Меѓународниот филмски фестивал во Шангај во 2017, а беше прикажан и награден на многу филмски фестивали ширум светот. Таа е автор на два кратки играни филмови („Ќе дојдат децата“, „Надвор е ладно“), еден краток документарен филм („Би се викал Барбара“) и неколку музички видеа за македонски артисти (PMG Collective, Foolish Green, Fitz).

 

„Господ постои, нејзиното име е Петрунија“

Игран филм
Режија: Теона Митевска

Премиера: TBD

Петтиот по ред игран филм на Теона Стругар Митевска е инспириран од настанот што се случи на Водици 2014, кога жена го фати крстот фрлен во реката Брегалница во штипско Ново Село. Инспирацијацијата на филмот доаѓа од случајот и од христијанското табу дека жена не треба да „се фрла“ по светиот крст, исто како што не може да влегува во олтарот во црква.

Продуцент на филмот е Лабина Митевска, директор на фотографија Вирџини Сант Мартин, а главната улога на Петрунија ја игра актерката Зорица Нушева. Филмот е во продукција на „Сестри и брат Митевски“ и е поддржан од Агенцијата за филм на Македонија, како и од националните филмски фондови на Словенија, Белгија и Хрватска.

 

„Медена земја“

Документарен филм
Режија: Тамара Котевска и Љубомир Стефанов

Премиера: 2018

Идејата на овој документарен филм е прикажување на припадноста на човекот кон природата преку односот кој тој го има кон неа и нарушување на тој природен баланс преку судирот на два различни начини на искористување на природните ресурси.

Филмот беше презентиран на CineLink Work-in-Progress настанот, во рамки на овогодинешниот Сараевски филмски фестивал, а неговото снимање започна во 2015 година, во рамки на Програмата за зачувување на природата во Македонија, проект на швајцарската агенција за развој и соработка (SDC).

Филмот е во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска, сниматели се Фејми Даут и Самир Љума, музиката е на „Фолтин“, а продуценти се Љубо Стефанов и Атанас Георгиев, преку „Аполо Media“ и „Trice Films“.

 

„Види ја ти неа“

Краткометражен филм
Режија: Горан Столевски

Премиера: 23.04.2018

На 34. Филмски Фестивал Санденс, најголемиот американски фестивал на независен филм, „Види ја ти неа“, во програмата Краток филм, ја освои наградата за „Најдобар интернационален игран филм“, најзначајна во оваа категорија во која се натпреваруваа 17 филмови од целиот свет.

Филмот ја следи приказната на младата Анета, која се обидува да ги реши проблемите во нејзиното семејство и училиште, преку приклучување во исклучиво машкиот верски ритуал, скокање по крстот за Водици.

Улогите во филмот ги толкуваат Сара Климоска, Игор Ангелов, Пируника Киселички, Антонија Белазелкоска, Милица Стојанова, Жарко Јовановиќ, Иво Антов, Виктор Арсов, Симон Манасковски, Изабела Новотни и Горан Илиќ.

Сценариото е на Горан Столевски, кинематограф е Наум Доксевски, сценограф Влатко Чачоровски, костимограф Жаклина Крстевска, тонец Братислав Зафировски, а шминката е на Наталија Кајевска. Продуценти на филмот се Димитар Минов, Кристијан Буровски и Томи Салковски.

Филмот е во продукција на „Црна мачка продукција“, во копродукција со „Скопје Филм Студио“, а беше финансиски подржан од Агенцијата за филм на РМ.

Извор: Ре

,


Comments are closed.