Радио Милева
Ова или оноа?

Разоткријте ја „до даска“: Тамара Тодевска се соголе „до коска“! (ФОТО)

Разоткријте ја „до даска“: Тамара Тодевска се соголе „до коска“! (ФОТО)

Тамара Тодевска… Заедно со Калиопи и Каролина несомнено нашата најголема музичка поп ѕвезда. Во моментов можеби и најинтересната за јавноста не само заради одличните нови песни и фуриозните настапи, туку и заради приватниот живот кој  кај неа постојано немирно тече како „Нијагара“, а нез него многу често провејува диво „Торнадо“. Од нигде никаде љубов, па неочекуван брак, едно дете, брачна криза, па друго дете, развод и… одново, нова љубов! Циклус кој периодично се повторува со сите останати поситни превирања кои ја прават не само музички интересна, туку Тамара ја ставаат постојано во фокусот на јавноста и тоа на онаа, која и не е нешто многу по музиката, ама затоа е прва кога се во прашање туѓите животи, трачевите, кулоарските муабети, озборувањата… А таа на моменти „на лажиче“, на моменти „со кутлача“ им дава материјал за таква „забава“!

Но, дали баш сите што ја (оз)боруваат добро ја познаваат Тамара? Дали она што го покажува и (не)свесно им го сервира како материјал за муабети е нејзината суштинска личност, нејзиното вистинско лице, правиот карактер на личноста или само површина под која се крие само сличноста со онаа Тамара која не ја познавате?

За да нема недоумици пејачката реши да искористи една апликација со која малку си поигра, па им овозможи на сите „љубопитни“ да ја разоткријат „до даска“, откако Тамара Тодевска јавно се соголе „до коска“! Ова или оноа, ваква или таква, каква е навистина, самата проба да објасни во неколку збора. Е сега, колку е сето ова верно на вистината и колку вистински ја разоткрива суштината на карактерот на пејачката, знаат само оние што одблизу ја познаваат.

Екстровертна –  екстровертните личности најчесто ќе ги препознаете по тоа што сакаат секогаш да бидат опкружени со многу луѓе, но ова понекогаш може да влијае голем дел од нивното време да го потрошат на непродуктивни разговори и состаноци;  забавни се, енергични, шармантни, често се во центарот на вниманието на секој настан, но, понекогаш, може да бидат многу напорни и да изгледаат како арогантни; динамични се и важно им е да се случува нешто ново, а задачите кои се монотони се, всушност, исцрпувачки за нив; префрлање од една тема на друга додека зборуваат не мора да значи дека заборавиле на тоа што претходно го кажале, туку од многуте мисли и идеи кои ги имаат во моментот не сакаат нешто да остане некажано.

Десно – или што би рекле „не е лева“ иако на моменти можеби така изгледа… Ама изгледот најчесто знае да излаже.

Едноставно – ако се облекувањето, имиџот, стајлингот… во прашање, можеби и може да се каже, ама за сето останато… Дека Тамара баше е едноставна…?

Сонце – дождот носи тага, мисли, носталгија, спомени,  сеќавања… А сонцето позитивна енергија, радост, динамика, ги буди сите пориви… што веројатно на Тамара многу повеќе и приличи.

Ноќна птица – и логично и разбирливо, па дури и неопходно… И заради природата на професијата и заради природата на личноста, на која ранобудноста никако не и е својствена.

Пораки – повиците имаа своја магија, ама истата бргу исчезнува, веднаш штом ја спуштиш слушалката. Пораката останува, како пишан збор, како доказ,  како спомен, потсетник, како нешто лично што може да се сподели… Веројатно затоа и пораките и се подраги!

Зајдисонце – изгрејсонцето и мугрите се волшебни, но зајдисонцето за „ноќните птици“ значи почеток на возбудата, забавата, проводот, авантурата, а во случајов и работата… Штом сонцето почне да заоѓа, почнува да се буди и магијата!  Онаа – ноќната!

Секогаш доцни – или што би рекле  – „влечка“. Тоа и е во крвта, во карактерот, кој тешко се менува… Таква е и готово! Тоа што другите се „колатерална штета“  на сметка на тоа, е само нуспроизвод на нивното дружење или блискост со пејачката, за сите други убавини кои од таа блискост произлегуваат.

Куче – заради верноста и неизмерната и безусловна љубов што ја даваат… Мачка во нејзиниот живот се покажа дека… „не вирее“ долго!

Сонувач – отсекогаш била и тоа голем, но не и нереален, зашто соништата најчесто успеала да си ги претвори во стварност. Можеби не во толкава количина колку што заслужува, но за тоа не е потребно само да се сонува… Сепак романтичната нота во нејзината душа постојано провејува, на моменти и доминира, понекогаш чинејќи ја Тамара реалноста да ја „плати поскапо“ од што навистина треба  и заслужува!

Возење – иако во последно време пејачката „се стопи“, а линијата ја доведе речиси до перфекција, Тамара сепак не е спортски тип во душа. Теретаната повеќе и е мака отколку радост, пешачењето напор отколку задоволство иако прошетките и тоа како ја радуваат… Ама очигледно само додека вози или се вози! Зад воланот сепак изгледа е многу повеќе своја!

Епа, ова или оноа? Ако успевте барем малку да ја разберете, ќе ја сфатите суштината на личноста и карактерот на Тамара Тодевска… Барем онаква како што самата се опишала иако… Можеби неа најдобро ја опишуваат стиховите на нејзината песна „Немирна“:

„И кога мислиш си успеал да ме имаш за себе, тогаш вешто ме снемува, јас сум немирна ко ветер. Секој ден за мéне е нов почеток и нова приказна без крај. Секој ден е неизвесен, јас сум немирна ко ветер…“!

Фото: Инстаграм/tamaratodevska

Останати вести од Радио Милева