Мегафон

Ова е музичката програма на „Вевчанскиот карневал 2018“

Ова е музичката програма на „Вевчанскиот карневал 2018“

Од 12 до 14 јануари во Вевчани нè очекува една од најголемите и најуникатни културни знаменитости во нашата земја – ВЕВЧАНСКИ КАРНЕВАЛ! Со оваа манифестација, Вевчани во својот автентичен и мистичен дух, повторно прераснува во голема отворена сцена подготвена од вевчанските василичари на карневалот познат ширум светот по неговата архаичност и како најголемиот европски фестивал на сатирата!

Прославата на најстариот театар на отворено ќе започне во петок, на 12 јануари со забавниот дел од музичката програма во чии рамки ќе настапат групите Фолтин“ и „Плутос даутс“ (Pluto’s Doubts), а кулминацијата на вечерта е загарантирана со диџеј сетот на светски докажаниот, македонски продуцент и композитор Кирил Џајковски.

 

Во сабота, на 13 јануари, вечерта во пресрет на дочекот на Новата година по стариот календар, посетителите ќе имаат можност да уживаат и во настапите на „Џамбо Агушев оркестар“, Блага Петреска и „Чалгија саунд систем“. Саботното попладне, пак, е резервирано за традиционалното дефиле на учесниците во карневалот кои ќе ги презентираат своите василичарски маски.