„Лорд оф д денс“ со „Опасни игри“ во Скопје

31 Окт , 2017 Мегафон

„Лорд оф д денс“ со „Опасни игри“ во Скопје

Најпосетуваниот танцов музичко-сценски спектакл на светот повторно пристигнува пред македонската публика. „Лорд оф д денс“ на славниот Мајкл Флетли гостува во Скопје на 11 април 2018. По точно 10 години и по 5 целосно распродадени настапи кај нас, светското денс-совршенство овој пат во ВИП арената „Борис Трајковски“ ќе го претстави новото шоу „Опасни игри“ основано на ирскиот фолклор кој ја претставува неверојатната авантура во борбата помеѓу доброто и злото.

Најдоброто танчерско шоу на светот досега собори повеќе светски рекорди – Флетли во Гинисовата книга на рекорди е запишан како човекот со најбрзите нозе на светот, со незамисливи 35 удари во секунда; шоуто се изведуваше дури 21 пат по ред во арената „Вембли“во Лондон; за само 10 дена беа продадени 250.000 влезници на турнејата во Австралија. Мајкл Флетли (Michael Flatley), танчерот, флејтист, автор, директор и продуцент кој стои зад овој меѓународно наградуван танцов феномен, докажа преку својата визија дека срцето и разумот, обединети преку музиката и танцот, ги бришат сите традиционални граници. „Лорд оф д денс“ постојано ги соборува сите рекорди во продажбата на влезници ширум светот, оставајќи ја публиката без здив, желна за уште повеќе магија.

„Лорд оф д денс“ од 1996 година е најпродаваната танчерска приредба на светот која досега има гостувано пред распродадените гледалишта во повеќе од 60 земји, а премиерата ја одржаа во 1996-та, две години откако славниот ирски кореограф Флетли го претстави неговиот претходен спектакл „Riverdance“ во глобалниот телевизиски пренос на „Евровизија 1994“ во Даблин и прерасна во светска сензација. Веќе во 1997 година, „Лорд оф д денс“ дебитираше и во С.А.Д. со 13 распродадени претстави во „Рејдио сити мјузик хол“ (Radio City Music Hall) и учествуваше во програмата на доделувањето на наградите „Оскар“. На изведбите, во составот на овој танцов ансамбл настапуваат дури 200 танчери, покрај огромниот број професионалци кои на шоуто се грижат за сценографијата, светлото, звукот, како и за вкупно 1200 костуми кои ги користат танчерите.

Билетите за настапот на „Лорд оф д денс“ ќе бидат пуштени во продажба преку продажната мрежа на Мк Тикетс од утре,  1 ноември, среда, кога воедно ќе бидат објавени и цените на билетите.

, , ,


Comments are closed.