Мегафон

„Скопје пее“ – прв меѓународен хорски фестивал

„Скопје пее“ – прв меѓународен хорски фестивал

Од 29-ти до 31-ви август, во организација на Град Скопје и ЈУ „Универзална сала“, градот ќе биде домаќин на првото издание на хорскиот меѓународен фестивал  „Скопје пее“ („Skopje Sings”). Десет хорови од земјата и странство, со своите изведби на добро познатите класични дела, но и џез, рок и современите композиции, на себе својствен начин, ќе ги спојат музиката, одморот, пријателството и забавата.

Свеченото отворање на фестивалот е закажано за в четврток (29.8.) во 21:00 на Школка во Градски Парк, каде скопјани и сите останати добронамерници и љубители на музиката и културата ќе имаат можност бидат дел од градскиот музички хепенинг наречен  „Скопје пее“ („Skopje Sings”).

За в петок (30.8.), фестивалот програмски ќе се вклучи во културните лета на општините Карпош и Аеродром. На Културното Лето „Карпош 2019“ на плоштадот „Делфина“ во Влае ќе настапат Машкиот хор од Пловдив, ХМД „Кочо Рацин“ – Скопје, Женскиот хор „Аурин“ од Кецкемет, Унгарија, ГМХ „Вардар“ – Скопје и Академскиот Женски Хор на Студентскиот Културен Центар во Ниш. Како дел од „Back to School Week“ во Општина Аеродром, во паркот на езерата со почеток во 20:30 часот ќе настапат Женскиот хор Менада од Тетово, хорот „Хаџи Зека“ од Пеќ, Пензионерскиот хор „Серенада“ од Скопје, хорот „Славјанско Единство“ од Горна Ораховција, Р. Бугарија и хорот „Елегија“ од Општина Центар – Скопје.
Фестивалот  „Скопје пее“ („Skopje Sings”) е првиот меѓународен фестивал на хорови и хорска музика кој се одржува во Скопје и идејата на фестивалот е да ја донесе музиката поблиску до граѓаните и да ја претстави хорската музика типична за концертните сали на некарактеристичен начин, на улиците и плоштадите на Градот Скопје.

За последниот ден од фестивалот (сабота; 31.8), од 20:30 часот, со настап на хоровите во објектот на Македонската филхармонија и официјално ќе се затвори првото издание на  „Скопје пее“ („Skopje Sings”).

To top