Општо е познато дека недостигот од квалитетен сон може да доведе до сериозни здравствени импликации. Прочитајте што сè може да биде предизвикано од скусувањето на спиењето.
Ризик од срцеви заболувања
Луѓето што редовно спијат помалку од пет часа на ноќ се соочуваат со зголемен ризик од повишен крвен притисок, главниот фактор за развој на срцеви заболувања. Кога си скусувате од сонот, Вашиот организам излачува повеќе стрес-хормони и други супстанци што ги зголемуваат воспаленијата, што пак може да доведе до зголемување на ризикот од срцеви болести и мозочен удар.
Појава на дијабетес
Луѓето што секојдневно спијат по помалку од пет часа имаат два и пол пати поголем ризик од појава на дијабетес отколку оние што спијат помеѓу 7 и 8 часа.
Веројатната причина е во тоа што при кусото спиење многу често не се достигнува длабокиот сон – состојба во којашто организмот се одмора и регенерира. На тој начин организмот се соочува со намалена способност за регулација на нивото на шеќер во крвта.
Чести разболувања
Додека спиете, Вашиот организам излачува цитокини, хемикалии што му помагаат на имунолошкиот систем да се одбрани од инфекции и болести. Квалитетниот сон не само што влијае врз способноста на организмот да се справи со инфекциите, туку е директно поврзан и со антителата што се создаваат по вакцинација.
Истражувањата потврдија дека луѓето што се хронично ненаспани имаат двапати помалку антитела по примањето на вакцината против грип, од оние што добро спијат.
Прекумерна телесна тежина
Според последните истражувања, луѓето што редовно спијат по помалку од седум часа дневно имаат 30 проценти поголеми шанси да се соочат со прекумерна телесна тежина.
Недоволното спиење го менува излачувањето на хормоните што ги регулираат гладот и ситоста, што може да доведе до често прејадување. Кога сте поспани, многу полесно ќе посегнете по храна со голема концентрација на масти и висока калорична вредност.