Коронавирусот има својство да мутира, па иако најновиот сој е во развој и атак да не „поплави“ и нас, власта реши се’ уште да не реагира и да не држи со олабавени мерки. Естрадата која страдно чекаше година и половина, максимално го користи моментот да се зграпчи што може да се зграпчи, да се има што повеќе настапи, зашто како што стојат работите, од есен галиба не чека нов карантин!
Ар -ен – би двоецот „ДНК“ се меѓу оние кои тргнаа по свирки низ клубовите и дискотеките, по бзените и плоштадите… секаде каде што може да се настапува во Македонија, па така Струмица им беше една од првите концертни дестинации.
Арно ама, на настап не се оди неподготвен, па Панчо и Андреј заради долгата пауза, мораа одново да се „состават“ со бендот музичари кои ги придружуваат на сцена, а материјалот одново да се освежи и увежба. А кога по цел ден имаш проби, немаш време за себе, па така нешто морало да трпи… Да биде „колатерална штета“ помеѓу музиката и квалитетот на настапот и личниот изглед!
Бидејќи публиката секогаш има предност, Панчо пред пат кон Струмица не стигна да закаже термин кај својот бербер, па на настап тргна неизбричен! Од немање пусто време за себе, ама затоа со себе секогаш го има верниот пријател… Партнер кој никогаш нема да го изневери и остави „на цедило“, па така беше и овој пат!
Само што во оваа прилика Панчо на „партнерот“ се сети на половина пат или некаде пред крај, пред да стигне на одредената дестинација – Струмица, во која ако патувате по автопатот Скопје – Гевгелија, некаде кај Валандаво треба да се исклучите од него, па за да стигнете до Струмица, мора да возите преку прочуеното „Валандовско брдо“!
А среде тоа ритче, мала висорамнина и на неа распослано село Костурино… Е токму тука, Панчо се сети дека не е баш најличен ако не е бричен, па посегна по „партнерот“ за да му го избричи… Лицето, секако и брадата на него.
Таблата на патоказот одлично место за затскривање, камерата на мобилниот уште подобра замена за огледало, а партнерот верен како пес, за миг Панчо го ослободи од брадата и насобраниот стрес, дека на настапот нема да биде личен, ако не се појави тазе бричен!
Со ваков „партнер“ како овој на Панчо нема ни лабаво, ни тврдо… Колку и да е моментот специфичен, ДЈ Шорти за миг личен – бричен, та било тоа и среде „Валандовско брдо“!
Фото: Инстаграм принтскрин/djshortypofficial