Годинава лауреати на наградата за животно дело на Македонски театарски Фестивал „Војдан Чернодрински“ се актерите Емил Рубен и Борис Чоревски и сценографот Крсте С. Џидров. Фестивалот ќе се одржи од 1 до 8 октомври во Прилеп, откако лани не се одржа поради пандемијата на ковид-19.
Фестивалот отвора на 1 октомври во Центарот за култура „Марко Цепенков“ со доделувањето на наградите за животно дело и со првата претстава во конкуренцијата за награди, „Мој термин“ на Македонскиот народен театар, во режија на Синиша Евтимов.
На 3 октомври на репертоарот се претставите на Кумановскиот театар „Вообразен болен“ од Молиер во режија на Драгана Гунин и на Драмски театар од Скопје „Мојот маж“ од Румена Бужаровска во режија на Нела Витошевиќ.
На 4 октомври фестивалот отвора трибина на тема „Театарот во ковид-19. Проблеми и решенија“ , модератор ќе биде Катарина Коцевска-Хаџи Василева, а на репертоарот се уште две претстави. Албанскиот театар од Скопје ќе ја изведе „Мурлин Мурло“ од Николај Кољада во режија на Кристина Димитрова, а во Центарот за култура, Велешкиот народен театар ќе се претстави со „Херои 04:33“ од Сашо Димоски во режија на Деан Дамјановски.
На 6 октомври ќе има промоција на книгата „Горан во Драмски“ и уште две претстави во конкуренцијата: Турски театар од Скопје ќе ја изведе „Славната Флоренс“ во режија на Драгана Милошевска-Попова, а потоа е претставата на охридскиот театар „Крик за љубов“ во режија на Љупчо Ѓоргиевски.
Последниот фестивалски ден на 7 октомври ќе донесе три претстави. Прво е претставата на Театарот за деца и младинци од Скопје „Едвард раце ножици“ во режија на нела Витошевиќ, потоа е претставата на Битолскиот театар „И коњите ги убиваат, зар не?“ во режија на Мартин Кочовски и последната репертоарска претстава е на Факултетот за драмски уметности „Мурлин Мурло“, дипломска претстава на студентите од отсекот Драмски актери кај професорите Сузана Киранџиска и на Кристина Леловац.
На 8 октомври жирито во состав Ѕвездана Ангеловска, актер и режисер, Бајруш Мјаку, актер и Александар Милосављевиќ, театролог од Србија ќе ги соопшти најдобрите остварувања на јубилејното издание.