Антониа Гиговска со песната „Никогаш не вели никогаш“ е победник на 33.тото издание на фестивалот „Макфест“, кој синоќа заврши во Штип. Второто место му припадна на Роберт Билбилов за песната „Чудни места“, додека третото на Дани Димитровска за „Време“.
„Пресреќна сум. Оваа награда ја посветувам на мајка ми. Денес и е роденден“, рече Антониа веднаш по победата.
„Никогаш не вели никогаш“ на авторскиот тим на Лазар и Магдалена Цветковски со изведбата на Антониа Гиговска беше прогласена за најдобра песна на годинешниот „Макфест“, убедливо со 30. поени како и што победи во втората фестивалска вечер. Тимот за првото место на „Макфест“ беше награден со 5.000 евра. Втор беше Роберт Билбилов (Роберт Билбилов и Робин Зимбаков) со композицијата „Чудни места“ кој беше награден со 4.000 евра.
На третото место се пласираше композицијата „Време“ дело на авторите Весна Малинова и Кирил Бабамов во изведба на Дани Димитровска на кои им припаднаа 3.000 евра.
Дека Антониа, Роберт и Дани ќе бидат меѓу првите троица и во финале и од нив ќе се бира победникот се знаеше уште од претходната вечер, втората полуфинална кога оваа тројка настапи и освои најголем број поени. Односно, на втората полуфинална вечер Антонија беше најдобра со вкупно 30 поени. Таа од публиката доби 12, од медиското жири 12 и од стручната комисија шест поени. И вечерва на финалето победата ја однесе со 30 поени со ист распоред. Роберт на втората полуфинална вечер заврши втор со 26 поени, доби 12 од стручната комисија, 10 од медиското жири и четири од публика. Втор заврши и во финале. Дани на полуфинале беше трета со по осум поени од стручна комисија и публика, додека од медиумите доби шест. Трета заврши и во финале.
Во паузата за гласање шоу имаше Дарио. Тој по долги години се врати на „Макфест“ и кога се појави на сцена спомените ги сподели со публиката.
„Вечерва има многу совпаѓања. На првото издание на ’Макфест’ во 1986 година настапив за прв пат. Јас го отворив фестивалот, настапив прв со песната ’Старо купувам’, по текст од песна напишана од Ацо Шопов. Домот на културата се вика ’Ацо Шопов’. Еве повторно после 33 години со ’Старо купувам’ го почнувам шоуто, рече Дарио, кој отпеа седум песни од неговиот богат репертоар.
извор: екран