Лице в Лице

Маја Саздановска: „Подготвена сум за нова љубов“ (ВИДЕО)

Маја Саздановска: „Подготвена  сум за нова љубов“ (ВИДЕО)

Пејачката Маја Саздановска повеќе од десет години нема нова песна, но сè уште важи за еден од најмоќните вокали во Македонија. Од првата песна „Глушец ушец“ до денес поминаа 35 години. Во меѓувреме таа ја испеа приспивната песна „Во светот на бајките“, со која пораснаа многу генерации, но и поп-хитови кои и сега се паметат.

„Пеењето како предизвик сè уште ми стои. Јас се појавив во најубавото време кога песните оставиле некаков траг. И потоа се случи животот, мили и немили настани, дојдоа обврските околу ќерката Срна и пеењето остана некако во позадина“, вели Саздановска, која денес работи во МОБ и пее придружни вокали на концертите на Калиопи, па така си ја задоволува потребата за музика.

Маја речиси десет години сама се грижи за ќерката Срна. Неполни две години откако се омажи, нејзиниот сопруг Саша почина ненадејно, а таа остана со ќерката. Срна во тоа време имаше девет месеци.

„Тоа што го изгубив сопругот направи да гледам поинаку на животот. Можеби тоа беше неговата мисија, да ме научи дека љубовта е нешто повеќе од ова земско задоволство и благодарна сум што го имав Саша барем и толку малку колку што беше со нас. Срна е негова копија, се наследила од татка си. Ѝ раскажувам за него, но тука е и свекрва ми, која е трезорот на сите сеќавања за Саша и која ги споделува приказните со Срна“, вели Маја за еден од најтажните периоди во животот.

На прашањето дали е спремна за нова љубов, Маја вели: „Секогаш. Јас имам голема верба во изненадувањето, секогаш сум во потрага по она што може да го направи денот поубав, да има нешто што само јас ќе го искусам, така што секогаш сум отворена, дали било љубов, партнер, маж, како сакаш ќе ги наречеме“.

Освен за музиката и љубовта, муабетевме и за слабеењето. Пред четири години ги смени животните навики и ослабе, но вели мотивот не ѝ бил физичкиот изглед.

„Мене дебелината никогаш не ми пречела, а мајка ми секогаш била тука да ме насочи во вистинскиот правец. Едноставно, еден ден се вратив од работа толку изморена, што немав сила за да се посветам на Срна, па си реков, ако сега не можам, како ли ќе биде кога ќе остарам“, искрена е во разговорот.

За времето кога беше популарна и снимаше хитови, трите Евровизии кога пееше придружни вокали на Тоше, Елена Ристеска и Калиопи, ама и за нејзиното музичко семејство во кое се и Виолета Томовска, Славе и Дарко Димитрови, Дамир Имери, Олгица Христовска и кој уште не, Маја зборува со многу чувства. Но и за починатиот сопруг, какво дете е Срна, шминкањето како втора професија, дали еден ден пак ќе снима песни…   Гледајте го видеото.

Поврзани теми

To top