„Објавена е збирката раскази „Скопје во високата зона“ од Калина Малеска, како ново издание во популарната едиција „ПРОаЗА“ на издавачката куќа „Или-Или“. Дизајнот на корицата го изработи Марија Смилевска, а излегувањето на книгата финансиски е потпомогнато од Град Скопје.
„Малеска создала еден вид скопски прозен „времеплов”, во кој низ фикционална призма читателите можат да ги следат не само трансформациите на урбаниот простор, ами и промените на навиките, сфаќањата, меѓучовечките односи, менталитетите, вредносните системи и светогледите на скопјани низ вековите“ – вели професорот Владимир Мартиновски.
Скопје во високата зона“ се состои од раскази кои, низ четири циклуси, сосредоточени на различни визии што временски и просторно се шират во и околу Скопје, истражуваат различни потенцијални начини на постоење и доживување на искуствата, како можност за трансформирање на постоечките перспективи и светогледи. Разнородни по структурата и наративните методи, расказите содржат утописки, дистописки елементи, реинтерпретација на постоечки бајки, лични доживувања, како и слики на специфични моменти од животот.
„Читателот посакува да се нурне во кујната на Калина и да ја пронајде онаа суштествена состојка која го дава неодолливиот вкус на збирката: нејзиниот несомнен урбан сензибилитет, шармантните лингвистички игри и инвентивните раскажувачки експерименти, непретенциозната и спонтана нарација која ги проникнува реалното и фиктивното, постапката на „очуднување“ на стварноста, критичката визура на некои актуелни „теми и дилеми“…, пишува Лидија Капушевска-Дракулевска.