Мегафон филмски фестивал

Во кино „Милениум“ се отвора 6. издание на „Киненова“

Во кино „Милениум“ се отвора 6. издание на „Киненова“

Со проекцијата на филмот на српскиот режисер Стефан Арсенијевиќ „Стахиња Бановиќ“/As far I can walk вечерва, на 27 октомври, во скопското кино „Милениум“ во 20 часот почнува 6. издание на Меѓународниот фестивал на дебитантски и втори филмови Киненова кој ќе трае до 31 октомври.

На свеченоста ќе биде доделена наградата за особен придонес на филмската уметност на актерот Мето Јовановски. Во чест на лауреатот на „Киненова“ ќе биде прикажан филмот „Тетовирање“ на Столе Попов.

Јовановски се појавува во над 60-тина филмски и телевизиски наслови. Неговите незаборавни улоги се во филмовите – „Најдолгиот пат“, „Македонскиот дел од пеколот“, „Црвениот коњ“, „Пред дождот“, „Тетовирање“, „Време води“, „Пресуда“, „Оловната бригада“.

За своите театарски, филмски и телевизиски актерски остварувања ги има добиено највисоките државни награди „Свети Климент Охридски“, „11 Октомври“ и „13 Ноември“, но и Златна маска на МЕСС во Сараево, неколку Grand Prix во Ниш за најдобар актер во филмовите Црвениот коњ. Среќна Нова, и Тетовирање, но и триесеттина други награди како во земјава, така и низ сцените во поранешна Југославија. Во 2010 година беше овенчан со наградата „Петре Прличко“.

Оваа година „Киненова“ одлучи првпат постхумно да додели и две награди за особен придонес во филмската уметност на актерите Сабина Ајрула Тозија и Љупчо Тодоровски-Упа.

Љупчо Тодоровски беше значаен дел од Фестивалот, беше еден од неговите основачи и во таа чест се востановува наградата која ќе го носи неговото име и ќе се доделува за најдобро актерско остварување во главната натпреварувачка програмасоопшти директорот на фестивалот, Небојша Јовановиќ.

Покрај филмовите кои се дел од натпреварувачката програма, годинава во фокус се и филмови од Ирска, Франција, Австрија, ќе бидат прикажани и филмови од „Лукс програмата“, како и краткометражни македонски и странски филмови.

Фестивалот оваа година повторно се враќа во кино, поточно од 27 до 31 месецов, во кино Милениум и Кинотека. Во ноември продолжува хибридната програма, односно дел од програмата ќе се прикажува и на телевизијата 24.

To top