В недела (24 октомври) во 16 часот на платото пред МКЦ, во организација на Скопскиот џез фестивал ќе бидат промовирани две ЦД-а и ќе се додели наградата за најдобар македонски џез музичар.
Одбележувањето на годинешниот јубилеј на Скопскиот џез фестивал, покрај другите програмски активности, ќе биде зачинето и со промоција на две нови изданија на дискографската етикета на фестивалот – SJF Records, како и со доделување на наградата за најдобар македонски млад џез музичар.
Најпрвин, во 16 часот, на платото на МКЦ, ќе бидат промовирани нашите две нови изданија:
“Intertwining a Fugue” на Yordan Kostov Ensemble и
“A Wave Returns to the Ocean” на Svetlost + Odron Ritual Orchestra.Дел од одличниот материјал поместен на “Intertwining a Fugue”, новиот албум на македонскиот композитор и мултиинструменталист Јордан Костов и неговиот многуброен ансамбл, ќе биде претставен вечерва во живо, во рамките на нивниот настап на годинешното јубилејно издание на Скопскиот џез фестивал (22 октомври, Национална опера и балет), додека, пак, албумот “A Wave Returns to the Ocean” на Svetlost + Odron Ritual Orchestra e, всушност, лајв документ од нивниот извонреден концерт, одржан и снимен минатата година на 39. Скопски џез фестивал.
Покрај двојната промоција на најновите ЦД-изданија на SJF Records, програмските активности за одбележување на јубилејот на Скопскиот џез фестивал го вклучуваат и доделувањето на годи(не)шната награда за најдобар млад македонски џез музичар, кое е закажано истиот ден во 17 часот.
Наградата за најдобар македонски млад џез музичар, што Скопскиот џез фестивал ја доделува веќе петта година по ред, овојпат оди во рацете на извонредно талентираниот скопски гитарист, композитор и импровизатор Филип Букршлиев. Неговото име (и презиме) може да се најде на повеќе од 20 долгосвиречки изданија. Активно твори во повеќе домашни формации: Filip Bukrshliev Trio, Taxi Consilium, Fighting Windmills, Yordan Kostov Quintet/Ensemble и други. Творештвото и музицирањето на Буркшлиев се одликува со необична духовитост, раскошна фантазија и несекојдневна елоквентност, што, впрочем, соодветствува и на неговата личност. Наградата на Букршлиев ќе му биде врачена в недела, во рамките на последниот фестивалски ден, во 17 часот во МКЦ – Кино Фросина, проследено со лајв настап на неговиот квартет, велат оттаму.