Мегафон

Од 10 до 16 август Фестивал на неми и класични филмови во Кинотека

Од 10 до 16 август Фестивал на неми и класични филмови во Кинотека

Од денеска до 16 август во Кинотеката ќе се одржува Фестивал на неми и класични филмови. Ќе бидат прикажани неколку наслови кои биле целулоиден, 35 милиметарски, печат на времето, а денес ги гледаме во нови формати и во нивните дигитални и реставрирани верзии.

На платното во летното кино во Кинотеката ќе може да се погледнат иконите на францускиот „нов бран“ „До последен здив“ (À bout de souffle / Breathless) од 1960 на Жан-Лик Годар (Jean-Luc Godard), „400 удари“ (Les Quatre Cents Coups / The 400 Blows) од 1959 на Франсоа Трифо (François Truffaut), „Еден човек и една жена“ (Un homme et une femme / A Man and a Woman) од 1966 на Клод Лелуш (Claude Lelouch), како и трилогијата на Александар Довженко (Alexander Dovzhenko), украински режисер од ерата на Советскиот Сојуз, составена од немите филмови „Звенигора“ (1928), „Арсенал“ (1929) и „Земја“ (1930).

Како што соопштуваат од Кинотеката, дел од овој фестивал се и кино-журналите Филмски новости: „Приказни од Македонија“, потоа „Галичник“ на Сифрид Миладинов од 1940, германско-францускиот документарец „Со Грците на огнената линија“ (With the Greeks in the Firing Line) од 1913, како и колажот од домашни видеа снимени на осуммилиметарска лента групирани под наслов „Тајните архиви на градот: Втора приказна“ – и се дел од селекцијата наслови поврзани со домашната кинематографија – професионална и аматерска.

Фестивалот на неми и класични филмови ќе започне вечер во 20 часот со проекцијата на филмскиот проект „Тајните архиви на градот: Втора приказна“, а веднаш потоа ќе биде прикажан филмот „До последен здив“ (À bout de souffle / Breathless) на Жан-Лик Годар (Jean-Luc Godard).

На 11 август, со почеток во 20 часот ќе биде прикажан избор од познатите журнали „Филмски новости 1945-1948“ кои содржат репортажи од Македонија (дел од проектот Прибирање материјали од странски архиви), по што ќе следува проекција на филмот „400 УДАРИ“ (Les Quatre Cents Coups / The 400 Blows) на Франсоа Трифо.

На 12 август со почеток во 20 часот ќе биде прикажан филмот „Еден човек и една жена“ (Un homme et une femme / A Man and a Woman) на Клод Лелуш.

Фестивалот ќе го започне проектот „Тајните архиви на градот: Втора приказна“ проект на „Вардар Филм“ чиј автор е Катарина Габунија, а е финансиски поддржан од Град Скопје и реализиран во соработка со Кинотеката. Станува збор за продолжение на првиот, од публиката многу позитивно прифатен и гледан колаж од снимки направени на осуммилиметарски ленти, кои беа собрани преку јавен оглас. Снимките се направени од граѓани на Скопје кои ги забележале приватните моменти од своето секојдневие на филмска лента, и тие аматерски, домашни филмчиња од 60-тите, 70-тите и 80-тите години на минатиот век од страна на Габунија и нејзината екипа се дигитализирани, тематски групирани, озвучени и организирани како приказни за градот и животот во него, посочуваат од Кинотеката.

Програмата на Фестивалот на неми и класични филмови – филмовите на Довженко и францускиот „нов бран“ е реализирана во соработка со Амбасадата на Украина во земјава т.е. Центарот Довженко – Киев и Францускуот иститут од Скопје.

To top