Мегафон

Леб и сол, Лева Патика, Мизар, Дејвид Боуви, Квин… ќе добијат улици во Скопје?

Леб и сол, Лева Патика, Мизар, Дејвид Боуви, Квин… ќе добијат улици во Скопје?

Контроверзна најава дека британските музички ѕвезди Дејвид Боуви и бендот „Queen“ ќе добијат свои улици во Скопје, предизвика бура од реакции и многу коментари на социјалните мрежи. Како што е објавено на веб-страната на Град Скопје, Советот на Град Скопје на претстојната седница ќе расправа за дополнување на листата на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти на подрачјето на Град Скопје.

Со усвојувањето на ова дополнување, постоечкиот регистар на имиња се предлага да биде дополнет со вкупно 571 име. Листата опфаќа имиња на истакнати личности од областа на градското, националното и светското културно и историско наследство, поважни настани од македонската и светската историја, имиња дадени според топоними на градови во земјата и регионот и други имиња. На овој список се најдоа: пејачот Дејвид Боуви, Френк Запа, групата „QUEEN“, Есма Реџепова, Вања Лазарова, Саша Николовски – Ѓумар, оперските пејачки Васка Гајдова – Биџова и Блага Видец, легендарните македонски групи „Леб и сол“, „Лева патика“ и „Мизар“. Но и документарниот филм „Медена земја“.

Со ова дополнување на листата предвидено е да се зголеми бројот на имиња на женски личности и настани кои оставиле белег во историски и културен контекст, како и на припадниците на немнозинските заедници кои живеат во Скопје, но и на бројот на топоними со регионално и светско значење. Од вкупно 571 име, 479 се имиња на истакнати личности од кои 79 се имиња на жени, додека пак останатите 92 имиња се имиња на поими кои означуваат поважни настани, топоними и други поими. Во дополнувањето на листата вратени се и имињата на улиците од периодот на солидарноста и изградбата на повоено Скопје, а кои беа отстранети со претходни одлуки на Советот на градот.

Град Скопје спроведе on-line анкета во летото 2019-та година на која граѓаните ги дадоа своите предлози за имиња на градските улици, а листата беше дополнета и со други формално доставени иницијативи. Законот предвидува две одделни постапки за утврдување на имиња и нивно задавање не конкретни топоними. Листата на имиња ја утврдува Советот на Град Скопје, по претходно добиена согласност од Владата. При утврдувањето на листата на имиња од страна на Советот на градот Скопје, општините од подрачјето на градот Скопје даваат мислење по истата. По добиената согласност од Владата, Советот на Град Скопје ја усвојува листата, а дури потоа може да се пристапи кон менување на конкретни имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, коишто се менуваат со посебни одлуки на Советот. Сите идни промени на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти на подрачјето на Град Скопје согласно овој закон предвидено е да се црпат исклучиво од оваа листа.

Од останатите области на списокот се најдоа: новинарот Никола Младенов, спортистите Благоја Георгиевски-Буштур, Атина Бојаџи, покојниот заменик-градоначалник на Скопје, Енвер Малиќи, писателите Славко Јаневски, Петре М. Андреевски, Блаже Конески, Владо Малески. Од интернационилите имиња тука се: Алтеа Гибсон Алтеа (прва црномуреста жена која го освоила Вимлбдон), Небојша Глоговац (српски актер), Умберто Еко (писател) итн.

To top