Во рамки на „Скопско лето“ беше промовирана книгата „Песните се нивни незаборав“ – монографски труд посветен на 24 починати пејачи чии што песни и изведби имаат трајни вредности. Автори на делото се Кирил Тодевски – етномузиколог и повеќегодишен уредник на Редакцијата за народна музука на Македонското радио и Марија Велковска – уредник во Музичката програма на Македонското радио.
Како што соопшти организаторот на „Скопско лето“ – Дирекцијата за култура и уметност на Скопје (ДУКС), книгата е посветена на песнопојците: Васил Хаџиманов, Никола Бадев, Александар Сариевски, Васка Илиева, Мирвет Беловска, Благој Петров-Караѓуле, Нада Макеларска, Гого Зафироски-Зафиро, Вања Лазарова-Димитровска, Блага Видец, Јонче Христовски, Добри Ставревски, Драгица Мавровска, Кирил Манчевски, Љупчо Дучевски, Мирко Митревски, Пепи Бафтировски, Есма Реџепова-Теодосиевска, Кирчо Поплазаров, Гоце Николовски, Петранка Костадиновска, Војо Стојановски, Јанко Узунов и Гоце Арнаудов.
„Зад себе оставија непроценливо фолклорно богатство, со кои за навек го легитимираа македонскиот фолклорен израз. Со своите песни за себе испишаа незаборав, а на повиканите од сферата на Фолклористиката, односно Етномузикиологијата останува нивниот незаборав трајно да го забележат во своите научни и друг вид на прилози“ – соопштија од ДУКС.