Момчило Митровски Момо деновиве го промовираше проектот кој нема да остави никого рамнодушен, посебно љубителите на убавата македонска музика и почитувачите на нашето изворно творештво. Станува збор за „Чамче“, изворно македонско оро кое звучи навистина фантастично и е само најава за нешто ново и поголемо од овој наш музичар.
„За овој проект соработував со докажана и проверена екипа, меѓу нив е и виолинистот Влатко Крстев. Ова оро е само најава за она што го планирам, а се надевам на негова реализација во брзо време. Станува збор за цеде кое ќе содржи преработка на стари македонски изворни ора“, вели Момчило.
Аранжманот за „Чамче“ го направи Александар Јовевски, а снимено е во студиото „Подрумот“, додека пак видеото го изработи „Арт продукција“. Во реализацијата учествуваа и Влатко Крстев на виолина, Митко Иванов на контрабас, Марјан Андонов на ударни инструменти, Бошко Мангаровски на канон и Александар Јовевски на клавијатури, а како сето тоа звучи и изгледа проследете во продолжение.